Жителите на скопската населба Влае се жалат дека изминативе неколку месеци се затрупани во ѓубре бидејќи не се собира редовно сметот од кантите од куќите. Секое домаќинство во населбата има канта за индивидуално домување и, како што велат жителите, системот одлично функционирал 20 години. Населбата била чиста, а ѓубрето се собирало двапати неделно во точно одредени денови и термини и немало никаков проблем. Сега, велат, сликата е сменета, полни канти со ѓубре и ќеси околу нив стојат со денови.
„Бевме Швајцарија, сега сме за никаде. Освен што ја сменија динамиката на собирање, камионите што го подигнуваат ѓубрето не доаѓаат редовно. Со денови кантите стојат преполни со ѓубре, мачки го развлекуваат низ улиците, а бидејќи е топло времето се шири и непријатна миризба. Не можеме ниту телефонски да ги добиеме надлежните да се пожалиме за проблемот. Пријавивме и во Општина Карпош, ама џабе. Навистина не ми е јасно зошто менуваат нешто што одлично функционирало повеќе до 20 години“, вели жител на населбата Влае кој се јави во нашата редакција и ни испрати фотографии.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека и во населбата Влае, како и во цела Општина Карпош, само е сменето времето на подигнување на сметот, но редовно, двапати во неделата се интервенира секаде. За поплаките на граѓаните ни рекоа дека веднаш ќе излезат на терен да видат за што станува збор и да го решат проблемот.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз пред 10 дена на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како е задоволен од хигиената низ градот и реакциите на граѓаните за преполни контејнери и валкани улици, рече дека откако е дојдено новото раководство во претпријатието и во Град Скопје се забележува значително подобрување. Вели дека динамиката на собирање ѓубре во Општина Карпош е промената, бидејќи попладне има многу метеж во сообраќајот, па возилата со саати се движат низ улиците додека го соберат ѓубрето.
„Сите граѓани се навремено известени, им доставивме летоци, а објавивме и на нашата страна. Можеби некој не видел, па затоа не ја изнесол кантата пред двор и нормално дека вработените не го подигнале ѓубрето, бидејќи во дворовите не смеат да влегуваат“, ни изјави на 30 мај вели директорот Енуз.
А. АНТЕВСКА