Украина дневно губи до 200 војници, кажа Михајло Подољак, советникот на претседателот Зеленски, додавајќи дека руската офанзива може да се сопре само со уште повеќе напредни западни оружја. Подољак кажа дека големиот број жртви се должи на целосната инфериорност на Украина во однос на Русија, која ги користи сите достапни ненуклеарни оружја во обид да го освои Донбас.
Зеленски неодамна кажа дека дневно гинат меѓу 60 и 100 украински војници, но Подољак вели дека бројките пораснале оттогаш.
Заменик-шефот на украинското разузнавање Вадим Скибицки вели дека на Украина ѝ снемува муниција и дека главно се потпира на западните донации во оружје.
„Ова се претвори во артилериска војна, во која ние сме во подредена позиција. Сега сè зависи од она што ќе го добиеме од западот. Нашите западни партнери ни имаат дадено само 10% од она со што располага Русија“, вели Скибицки.
Според него, Украина дневно троши меѓу 5.000 и 6.000 гранати, но и Русија намалила со ракетните напади во споредба со првите два месеца од војната. Последните податоци на украинската војска велат дека Русија дневно лансира меѓу 10 и 14 ракети.
„Производството на ракети е скапо. Забележавме дека Русија сега изведува помалку ракетни напади и дека ги користи советските ракети ‘Х-20‘ од 1970-ите“, вели Скибицки.