НЕ БИ САКАЛ ДА КАЖАМ ДЕКА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА Е ПОВОЛНА ЗА ЧЛЕНСТВО НА МОЈАТА ЗЕМЈА ВО ЕУ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ НА ПРЕСПА ФОРУМ ПАНЕЛОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ

    НЕ БИ САКАЛ ДА КАЖАМ ДЕКА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА Е ПОВОЛНА ЗА ЧЛЕНСТВО НА МОЈАТА ЗЕМЈА ВО ЕУ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ НА ПРЕСПА ФОРУМ ПАНЕЛОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИПретседателот Стево Пендаровски на панелот насловен како „Што по војната во Украина“ во Охрид, во рамките на Преспа форумот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Војната во Украина не може да се каже дека го помага процесот на интеграција и го олеснува членството на новите кандидати, рече претседателот Стево Пендаровски на панелот насловен како „Што по војната во Украина“ во Охрид, во рамките на Преспа форумот.

    „Не може да се каже дека било која војна во светот е позитивна за било која земја. Не би сакал да кажам дека војната во Украина е поволна за членството на мојата земја во ЕУ. Треба да се разгледуваат геополитичките аспекти на европската интеграција. Ако кажеме дека има поврзаност меѓу двете работи, мораме  да признаеме дека има структурни недостатоци на европската безбедносна архитектура. Ако кажеме поради тие недостатоци сега треба веднаш да почнеме да постапуваме, тогаш тоа нема да придонесе кон надминување на тие недостатоци“, истакна Пендаровски.

    Тој потенцира дека незавршениот проект за европска интеграција има последици за земјите кои сакаат да станат дел од Унијата а ние, како што рече,  17 години сме кандидат за членство и со години и децении трчаме за таа цел.

    Потсети дека сме само една од земјите во регионот која протера многубројни руски дипломати, само во последните 12 месеци половина од нив, како што рече, беа протерани од нашата земја уште пред да почне војната во Украина.

    „Русија со години ги поткопува нашите општества, ако зборуваме за Северна Македонија, зборуваме за хибридни закани, лажни вести особено во однос на прашањето за името. Откога ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите методи повторно борејќи се против демократиите на западот со лажни вести со пропаганда, нагласувајќи дека не треба да  трчаме по членство во ЕУ или НАТО“, потенцира Пендаровски.

    Претседателот на државата посочи дека целиот Западен Балкан чека да се заврши и заокружи европскиот проект.

    „Не можам да се потсетам на било која одлука на ЕУ која го подобрува позиционирањето на Унијата и овозможува влез на нови членки, бидејќи продлабочувањето е замрзнато, а со тоа е замрзнато и проширувањето“, истакна Пендаровски.

    Според него чекањето на земјите да станат дел од организацијата, која, како што рече, дава гаранции за иден просперитет доведува до демографска катастрофа а истовремено драстично опаѓа и поддршката за членство во ЕУ.

    „Чекајќи го тоа нашата популација се преполови. Не е само Северна Македонија и Албанија е блокирана, а Црна Гора со години преговара без значаен напредок. Сведоци сме на појава на нови идеи за нова политичка заедница на ЕУ. Барав од колегите да ми ја појаснат суштината на оваа идеја дали се работи за Европа во Европа, за ЕУ во ЕУ и што е со земјите кои веќе имаат кандидатски статус, што е со Грузија, Украина и Молдавија. “, кажа Пендаровски и додаде. „Во изминатите 18 години јавната поддршка за членство  во ЕУ опадна за 25 проценти и  бугарската блокада на нашето членство не помогна во овој контекст. Би сакал директно да ни се каже, ова е нашиот план за вас, ЕУ да каже навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла инаку се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект“, рече Пендаровски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира