ГРАДЕЖНИЦИТЕ СЕ ФАЛАТ ДЕКА СО ИЗМEНИТЕ КОИ ГИ НАПРАВИ БОЧВАРСКИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАМАЛИ КАТНОСТ, ТОЈ ВЕЛИ НЕ СЕ ТОЛКУВА ПРАВИЛНО СПОРНИОТ ЧЛЕН

    ГРАДЕЖНИЦИТЕ СЕ ФАЛАТ ДЕКА СО ИЗМEНИТЕ КОИ ГИ НАПРАВИ БОЧВАРСКИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАМАЛИ КАТНОСТ, ТОЈ ВЕЛИ НЕ СЕ ТОЛКУВА ПРАВИЛНО СПОРНИОТ ЧЛЕНСо измените на член 117 сѐ она што е внесено во донесените Детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на градежниците. (Фото: К. Попов)

    Урбанисти, архитекти и граѓански организации денеска побараа од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски веднаш да ја повлече измената на член 117 од Правилникот за урбанистичко планирање. Велат дека министерот тајно и без да консултира никого, направил измени кои се во интерес на градежниците и бизнисот и овозможуваат нова бетонизација на градот.

    Со измеаните на член 117, како што кажаа присутните на дебата, сѐ она што е внесено во донесените Детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на градежниците „инвеститори“. Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни.

    Министерот Бочварски на почетокот на дебата кажа дека не биле точни ваквите тврдење и дека не треба да се толкува само членот 117 туку и останатите членови од Правилникот, каде постои одредба дека Општините може да укинат стекнато право доколку се загрозува јавниот интерес. Министерот топката ја префрли кај Општините, кои можеле врз основа на новиот Правилник да носат нови планови и да ги менуваат односно да бришат маркичка која веќе ја имало ако со неа се нарушува јавниот интерес, но рече дека тие тоа не го правеле.

    На ваквата изјава на министерот реагираа сите присутни на дебатата, посочувајќи дека штом има различни толкување во јавноста за еден член тоа значи дека не е добар и го прашаа зошто ако е добра, измената е направена без да консултира никого.

    Изгледа живееме во паралелни светови со Бочварски. Министерот вели дека Општините треба да носат одлуки за намалување од катноста, а ним тоа не им одговара бидејќи живеат од комуналии. Ако тоа не е јасно предвидено со Правилникот, нормално дека тие нема да го применуваат. Ова е фарса. Крајно време е да се поведе иницијатива пред Уставен суд за укинување на овој штетен член, кој министерот различно го толкува од нас“, кажа Ана Петровска од „Зелен хуман град“.

    Од секторот за урбанистичко планирање на Општина Центар, каде има најголем пристисок од градежниците за градење, исто така кажаа дека членот различно се толкува и дека таканаречените инвеститори биле првите кои дознале за него и врз основа на него им велеле дека не можат да им ја намалат катноста во новите планови.

    Некој постојано ги подучува инвеститорите, тие пред нас во Општината и планерите знаеја за измените и само после една недела доаѓаа во Општината и ни велеа дека донесен е одлука според која стекнато право не може да се одземе. И сега ние треба да се надмудруваме, да викаме, да се расправаме затоа што различно се толкува овој член. Затоа треба прецизно објаснување и толкување на членот“, рече Биљана Насковиќ од секторот на урбанистичко планирање на Општина Центар.

    Откако сите учесници на дискусијата рекоа дека членот е лош и е во интерес на градежниците, Бочварски кажа дека со сите засегнати страни наредната недела ќе одржи состанок во Министертвото за да се подобри овој член.

    Нема да дозволам одреден член да ги врзува рацете на Општините да носат измеми кои се во интерес на јавност и хуманиот живот. Ќе покренеме постапка за измени“, додаде Бочварски.

    Дебатата беше организирана од Антикорупциската комисија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира