Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година по денешната средба во Владата со коалициските партнери, одбивајќи го барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени избори од вчерашниот протест пред Владата.
„Сите заеднички одлучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат. Затоа го затвораме ова прашање, следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Продолжуваме со одговор на кризата со нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт сметаме дека се неразумни“, изјави Ковачевски.
Прашан за францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции, Ковачевски кажа дека нема да го коментира.
„Нормално дека МНР има увид во предлогот и најискусните дипломати и експерти во МНР прават анализа на предложените документи, меѓутоа нема да го коментираме и нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е предлогот усогласен од сите 26 земји членки на ЕУ и Франција која го дава предлогот. Го следиме развојот на настаните во бугарскиот парламент и ако таму биде усвоен и кога ќе биде усвоен и доставен официјално со Република Северна Македонија тогаш нормално дека тој ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата“, рече Ковачевски.