Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од утре (22 јуни) почнува генерален штрајк во јавниот сектор. Штрајкот ќе се изведува со присуство на работниците на своите работни места но со прекин на работниот процес во работно време во органите на државната и на локалната власт и други државни органи – институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, армијата, полицијата, пожарникарите како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од државата или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Како што соопшти ССМ, утре вработените во јавниот сектор од 10 до 11 часот ќе застанат надвор пред просториите на работодавачот. Исто така, пред Собранието ќе бидат поставени 120 столчиња за пратениците во период од 10 до 14 часот и со тоа ќе биде прекинат сообраќајот на коловозните ленти. Подготовките за поставување на столчињата ќе започнат во 9 часот.
На 23 јуни, пред Владата ќе биде поставено 21 столче за членовите на Владата во период од 10 до 14 часот и со тоа ќе биде прекинат сообраќајот на коловозните ленти. Подготовките за поставување на столчињата ќе започнат во 9 часот.
На 24 јуни пред Министерството за финансии ќе упатат пораки до министерот од 10 до 14 часот.