ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ 62.000 ЕВРА ЗА ОБНОВА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ 62.000 ЕВРА ЗА ОБНОВА НА ДОМОТ „КОПАНКИ“За доделување средства на „Копанки“, кој изгоре пред девет години, гласаа ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола изгласа да се доделат 3,8 милиони денари (62.000 евра) на Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Пелистер“ за обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ кој е во нивна сопственост. Парите се дадени како финансиска поддршка на клубот за програмски активности и создавање услови за планинарски и спортски активности. ПСК „Пелистер“ изврши измена во статутот дека во случај да престане да функционира, имотот ќе припадне на Општината.

    ПСК „Пелистер“, чија претседател е Диме Попов, поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, сега направи промена на стаутот во делот за имотот, а во изминатите години додека локалната власт беше под СДСМ, одби да ја предаде сопственоста на домот на Општината образложувајќи дека статутот не дозволува. Општината тогаш бараше да ѝ го отстапи планинарскиот дом „Копанки“, за да може да го реновира зашто немаше законски можност да вложува во приватен имот.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска рече дека договорот меѓу Општината и ПСК „Пелистер“ ќе биде со посебни услови, транспарентен и ќе се разгледува на Совет. За доделување средства гласаа ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку.

    За „Копанки“, кој изгоре пред девет години, имаше бурна и долга дискусија во вечерните часови на вчерашната седница зашто беше поставен како дополнителна точка дури 44 по ред. Советниците од Левица гласаа против, поради нејаснотии во статутот кој дозволува имотот да премине на Општината, но и на друго здружение.

    „Според членот 58 став 2, доколку постапката за престанок е иницирана или се должи на акти и дејствија на единицата на локална самоуправа тенденциозно насочени кон престанок на работењето на ПСК, имотот ќе припадне на планинарски клуб во Битола кој ќе го определи собранието на здружението. Ние и да му доделиме средства, утре може иницирани од нешто да го затворат и да го доделат на друго здружение“, рече Гаврил Трајковски, советник од Левица.

    Советниците од опозиционата СДСМ гласаа воздржано и обвинија дека точката се носи набрзина.

    „Точката е многу сензитивна за да биде поставена таинствено и потценувачки  е ‘Копанки’ да биде дополнителна точка. Аџеле не е за во 20,30 часот по долги паузи и материјали, да расправаме за ‘Копанки’, за на некој приватник или здружение на граѓани да му дадеме 4 милиони денари. Сите сакаме да се направи, но начинот на кој се форсира цела работа е многу несериозен. Граделе политички кариери и едни и други, а сега и трети сакаат“, рече Жаклина Наумовска од СДСМ.

    На ова возврати Иван Чулакоски од Поинаку, граѓанска иницијатива на која главно изборно ветување ѝ беше обновата на „Копанки“ и рече дека и премногу се чекаше до сега.

    „Десет години на Парламент, министри, пратеници го бараа, те од едните, те од другите. Топки да извинете, никој ништо не направи за десет години. Колку една куќа е 60.000 евра. Е ние ќе го изградиме“, рече Чулакоски.

    Наумовска му одговори на неумесниот коментар „топки“ од советничката говорница.

    „Топките гледам само во програмата за спорт, зборам за вистински топки за играње, пуштете ги во училиштата да се обноват спортските реквизити и спортски клубови. Како интелектуалец од оваа говорница за поинаки топки не знам“, рече Наумовска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира