Евроамбасадорот Дејвид Гир цел ден на состаноците со пратеничките групи во Собранието им укажува на пратениците дека е потребно да внимаваат да не се појави недостиг на кадар во судството и во обвинителството.
Пред да почне продолжението на жестоката расправа во Комисијата за европски прашања (КЕП) токму за законските измени со кои им се овозможува на судиите и обвинителите продолжување на мандатот до избор на нови без оглед на тоа што исполнуваат услови за пензионирање, Гир пред Мешовитиот парламентарен комитет со ЕУ во Собранието кажа:
„Сепак, пензионирањето на голем број судии останува предизвик. Затоа предлог-измената на Законот за работни односи е важна за да се избегне недостатокот од персонал во судството и во обвинителството. Чекаме да се комплетира и бројот на судии во Уставниот суд, без кои тој не би можел да функционира“.
Во моментов жешката и недолична расправа за Законот за работни односи со кои на 60-тина судии кои на први јули треба да заминат со 62 и со 64 години в пензија, им се продолжува мандатот до избор на нови, е префрлена во Комисијата за политички систем. И таму опозиционата ВМРО-ДПМНЕ бара само процедурални интервенции и со тоа ја блокира работата и на оваа комисија, нема дискусија за законските измени.
Комисијата треба да заврши со работата до полноќ.
Потпретседателката на Комисијата за европски прашања Арта Биљали – Зејндели, го искажа своето разочарување дека до завршувањето на КЕП, опозицијата не сакала да расправа за законските измени, и оти барала само процедурални интервенции.
„Јас ги молев барем за своите амандмани да зборат, но попусто, кажа“ таа.
Во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков не успеаја да извлечат коментар на сугестиите од амбасадорот Дејвид Гир да се донесат законските измени.
С. К. ДЕЛЕВСКА