Арогантен, женомрзач, киднапер на пратеници, најлош претседател на Собранието во историјата на парламентарната демократија во Македонија кој треба да си замине од функцијата, се тврдењата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за спикерот Талат Џафери, кои му поднесоа интерпелација, а која денеска е на расправа.
„Имам епитети како Талат Џафери како што нема никој овде меѓу вас, ама немам како претседател на Собранието. И затоа нема да ви возвратам со нив, бидејќи јас и натаму ќе го чувам дигнитетот на функцијата претседател и нема да ги дозволам вашите сценарија“, им одговараше Џафери на опозиционите пратеници.
За пцовките кон врботени во службите на Собранието, тој кажа дека во негово време добиле унапредување и станале видливи, додека пред да дојде тој на функцијата, биле заборавени дека постојат.
Пратеничката Дафина Стојаноска се пожали од третман од спикерот Џафери кон пратеничките од опозицијата, особено кон неа. Го критикуваше и за односот кон колегите пратеници, додека тој ѝ реплицираше дека ги вика на редовна координација. Напротив, рече, ги штити.
„Сетете се кој ве штитеше кога ве збореа и кога одеа камери по вас горе за патните трошоци што ги земате“, кажа тој.
Прозван за забелешки од страна на Државниот завод за ревизија што се однесуваат за Собранието, тој кажа дека извештајот за него е дека работел чисто и законито во однос на буџетирањето.
Сепак, интерпелацијата е во сенка на случувањата претходните два-три дена во комисиите за европски прашања и за политички систем, па нема пратеник да не зборува за тоа, заборавајќи дека се на седница за интерпелација на претседателот Талат Џафери.
С. К. ДЕЛЕВСКА