Најмалку три лица загинаа, а десетици домови се оштетени во експлозии во рускиот град Белгород близу границата со Украина, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков. Тој кажа дека имало повеќе експлозии во градот со 400.000 жители, кој е оддалечен околу 40 километри од украинската граница.
„Оштетени се најмалку 11 станбени згради и 39 куќи, од кои пет се уништени“, изјави Гладков.
Тој не прецизираше што е причината за експлозиите, но кажа дека тие ја активирале противвоздушната одбрана.
„Ја истражуваме причината за инцидентот“, додаде Гладков.
Рускиот пратеник Андреј Клишас ја обвини Украина за гранатирање на Белгород, кој веќе беше цел на украински напади.