Три лица се убиени во вчерашното пукање во најголемиот трговски центар во Копенхаген, а уште три се во критична состојба. Дваесет и двегодишен маж е уапсен во врска со пукањето и полицијата само го опиша како етнички Данец.
Шефот на полицијата Серен Томасен изјави дека мотивот на нападот не е познат, при што е исклучена можноста за терористички чин. Меѓу загинатите се двајца 17-годишни Данци и 47-годишен Русин.
„Познато е дека напаѓачот имал психички проблеми, повеќе од тоа нема да коментирам“, кажа Томасен.
Напаѓачот носел пушка и муниција и полицијата верува дека дејствувал сам.
„Данска беше погодена од суров напад. Нашиот прекрасен и безбеден град се промени во секунда“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
Повеќекатниот трговски центар „Филдс“ содржи над 140 продавници и ресторани и во моментот на нападот бил полн, што создало голема паника. Главната болница во градот соопшти дека примила мала група пациенти, но точната бројка повредени не е објавена.