Европската Комисија во наредните часови, или денови, ќе даде детали за договорот на Македонија со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс, кој Софија досега го блокира поради македонскиот јазик, јави дописничката на МИА од Брисел. Според македонската влада, преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори со ЕУ предложена од француското претседателство треба да го деблокира и договорот за Фронтекс, кој Македонија не можеше да го потпише досега поради одбивањето на Бугарија во него да стои македонски јазик.
Полициските сили на Фронтекс веќе неколку години се во Македонија за обезбедување на границата со Грција и справување со мигрантска криза, но нивното присуство не е формализирано со договор поради бугарското противење за македонскиот јазик.
На денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел, МИА побара одговор од Европската Комисија дали и кога овој договор ќе биде потпишан и ако Македонија го прифати францускиот предлог во која форма ќе фигурира македонскиот јазик, дали тоа ќе биде чиста формулација без ѕвездичка, фусноти и додавки? Европската Комисија не беше во можност веднаш да даде одговор.
„Сега ги разгледуваме практичните импликации вклучително и за можноста за договорот со Фронтекс, треба да се видат низа оперативни детали на таа тема, да се види кои ќе бидат импликациите врз него“, рече портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант.
МИА испрати писмено барање до Генералниот директорат за внатрешни работи на Европската Комисија со ова прашање, од каде одговорија дека службите на Европската Комисија работат на прашањето и дека ќе испратат одговор „што е можно побрзо“.