Дел од демонстрантите против францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија кон Македонија, вечерва го пробија полицискиот кордон и влегоа во дворот на Владата. На платото на Владата, учесниците на протестот скандираат:„Оставка!“, „Уа!“, „Никогаш Северна“, „Татари“, а пејат и по некоја навивачка песна како „Излези момче“ и други.
Вечерва е третиот, и радикализиран протест за разлика од претходните два. Заедно со протестирачите во првите редови беа Димитар Апасиев, Иван Стоиљковиќ, Солза Грчева, Данела Арсовска, Ивица Боцевски и други.
„Протестот е солиден, но му фали радикализација“, кажа вчера Апасиев и најави: „Ние дечките од Левица утре ќе влеземе пожестоко, ќе удриме со јајца, тоалетна хартија, а може и со други методи, кои ќе ги дискутираме“.
Вечерва летаа јајца, ролни хартија и шишиња кон Владата. Во 21 часот делот од демонстрантите што влезе во дворот, уште скандираше пред вратите.
Протестот продолжи и пред Собранието, каде исто е пробиена оградата и деминстрантите се во дворот, а зградата ја гаѓаат со јајца.
С. К. ДЕЛЕВСКА