Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави фотографија од вооружено лице, кое, според него, требало вечерва да го убие на демонстрациите против францускиот предлог.
Лицето со пиштол во раката е дел од групата која околу 20 часот кај плоштадот Скендербег ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. Мицкоски и дел од сопартијцие од ВМРО-ДПМНЕ маршираше заедно со демонстрантите.
Мицкоски побара од полицијата и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки лицето веднаш да биде приведено.
„Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва. Барам итно да биде приведен од Спасовски и МВР“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Од МВР не се достапни за коментар.
По повеќеминутно фрлање со камења, шишиња и тврди предмети кон демонстрантите од плоштадот Скендербег, дојдоа полицски специјалци и ги потиснаа лицата кон Старата чаршија, при што беше сречен меѓуетнички инцидент, а поворката демонстранти продолжи кон Собранието.
Вчера дојде до насилства на протестите пред Собранието, кога 30-на маскирани демонстранти ја пробијаа заштитната ограда и ги нападнаа полицајците со јајца, камења и шишиња. Според МВР, во протестите се повредени 47 полицајци од кои 2 се во болница, а приведени се 11 демонстранти, меѓу кои и двајца малолетници.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица кажаа дека за насилствата се виновни „полициски инфилтратори“.