На 15 локации во централното градско подрачје на Тетово се поставени нови полуподземни контејнери. Со нивната употреба се очекува да се намалат купиштата смет што досега се оставаа покрај постоечките метални и пластични контејнери. За празнење на овие полуподземни контејнери набавени се и две специјални возила.
„На 30 јуни беше направено примопредавање на контејнерите и камионите и тие веќе се ставени во функција. Главната цел на овој проект е подобрување на комуналните услуги во Општина Тетово. Од 15-те полуподземни контејнери, осум се со запремнина од 3.000 литри, а седум од 5.000 литри. Средствата од 28 милиони денари за набавка на овие контејнери и камиони се обезбедени од парите што останаа од набавката на автобуси за јавен превоз во Тетово во 2019 година“, изјави градоначалникот Билал Касами.
Турскиот град Коња истовремено му донираше на Тетово 100 класични контејнери, кои наскоро ќе бидат поставени низ градот.
З. АНДОНОВ