Невропсихијатарот д-р Методи Чепреганов почина денеска на 86 години по кратко боледување, соопшти болницата „Неуромедика“, каде што работеше над 20 години.
Кариерата ја почна 1969 година на Клиника за нервни и душевни болести при Медицински факултет – Скопје, а над 25 години држеше настава како професор од областа на неврологијата и психијатријата со медицинска психологија на студентите на Медицинскиот факултет – Скопје. Има објавено над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.
Во последното интервју со д-р Чепреганов што САКАМДАКАЖАМ.МК го правеше во октомври 2020 година, тој се осврна на менталната состојба на нацијата.
Чепреганов рече дека ние како народ имаме многу голем историски товар, дека „низ нашите огништа поминале многу ветришта и сеништа, ама секогаш сме биле под некого, што значи дека нашето его било загушено, притаено, скриено, неодживеано, за сметка на тоа сме имале секогаш силно суперего“. Тој вели дека народот голтал, голтал и се полнел со негативна енергија со векови, дека нашите архетипови се полни со жолчност и неправди, ни го немало никаде егото, ама и не сме имале можност за едукација.
„И сега дојде ново време, сами сме, немаме супер его, ама и немаме едукација, немаме морални, етички, духовни и социјални норми (чест на исклучоци, а ги има ). Што значи ова ? Сѐ што беше потиснато како негативна напластена енергија во нас и нашите архетипови, излезе на површина, а нема соодветна контрола, сите знаат, сите можат, сите се способни, царуваат емоциите, а тие ја стеснуваат свеста, нема реалност, нема објективност, нема одговорност“, вели Чепреганов.