Топката што го спаси 30-годишниот Иван, кој беше 18 часа исчезнат во морето кај Халкидики, стигнала во неговите раце од островот Лемнос, од каде што патувала по водата 10 дена, објавија медиумите од Солун.
Според неверојатната приказна, топката била изгубена на плажата Евгати на Лемнос на 30 јуни од две деца, 6-годишниот Танос и 11-годишниот Трифон од Солун. Тие со родителите биле на плажата за време на летниот одмор и си играле со топката додека во еден момент не ја изгубиле контролата врз неа и морската струја ја оддалечила од нив. Дури и пливач кој бил во близина се обидел да им ја врати, но без успех.
Нивната мајка вчера ја видела фотографија од топката што го спаси Иван и препознала дека е истата топка со таа на Танос и Трифон.
Малата кожна топка, која била полуиздишана, му помогнала на Иван да остане на површината додека траеше потрагата по него на грчките служби. Таткото на 30-годишникот, заедно со градоначалничката на Касандра, Анастасија Халкија, се фотографираа со среќната топка.
Тројца македонски државјани на возраст од 25, 28 и 30 години, меѓу нив и Иван, завчера исчезнаа во морето кај Посиди откако беа повлечени од силните струи. 25-годишникот брзо беше најден од грчките служби и е во добра состојба. По 28-годишникот уште се трага.
Тројцата дошле на Халкидики да го прослават роденденот на Иван.