ГО ЗАЖИВЕАВМЕ СЕЛОТО ПАПРАДИШТЕ СО ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ, А СЕГА ОПШТИНА ЧАШКА БАРА ПРЕДВРЕМЕНО РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ, ВЕЛАТ ЕКОЛОЗИТЕ ОД „ЗЕЛЕНА СИЛА“

    ГО ЗАЖИВЕАВМЕ СЕЛОТО ПАПРАДИШТЕ СО ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ, А СЕГА ОПШТИНА ЧАШКА БАРА ПРЕДВРЕМЕНО РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ, ВЕЛАТ ЕКОЛОЗИТЕ ОД „ЗЕЛЕНА СИЛА“Еколозите велат дека Општина Чашка еднострано бара раскин на договорот по 18 години користење, две пред истекувањето. (Фото: СДК.МК)

    Еколошка групација „Зелена сила“ од Велес е изненадена што Општина Чашка бара предвремен раскин на договорот за користење на планинскиот дом во село Папрадиште. Локалната власт писмено побарала корисникот да се исели и го напушти објектот. Екологистите се изненадени и лути од ваквото барање, бидејќи сметаат дека се добри домаќини, кои со работењето на домот ги вратија посетителите и туристите во селото кое повторно оживеа. Појаснуваат дека после 18 години користење, две пред завршување на договорот, Општина Чашка еднострано бара раскин на договорот.

    „Со ваков обид се судривме и во 2011 од тогашниот градоначалник Горан Пановски. Ни забележуваат дека не сме вложувале. Изградивме канализација и плоштад во селото со сопствени средства, маркиравме 600 км планинарски патеки по Јакупица. Го оживеавме селото Папрадиште, кое го вративме на мапите за алтернативен туризам. Ни доаѓаат туристи од три континенти. За раскин на договорот е надлежен судот, а за исфрлање извршител по претходна правосилна судска пресуда, а не писмено известување“, кажа Игор Смилев, претседател на „Зелена сила“.

    Од Општина Чашка бараат објектот да се врати во владение оти не бил исполнет договорот.

    „Најдов документ од 2011 од мојот претходник, со кој се бара корисникот да го напушти објектот. Јас сум должен тоа решение да го почитувам и спроведам со известување до корисникот, оти во спротивно правам кривично дело“, вели Горан Стојановски,  градоначалник на Чашка.

    Локалната власт од Чашка веќе си ги вратила во владение Планинарските домови во селата Ораов Дол, Мокрени и Етно-куќата од село Бистрица. Нејзиниот корисник, пак, сега се мачи каде да ги изложи 750 предмети кои таму беа поставени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира