Обвинителството за организиран криминал и корупција влезе во Управата за финансиска полиција (УФП), кај директорот Арафат Муареми во предистражна постапка, потврди обвинителката Вилма Русковска. Таа не открива детали што конкретно бараат истражителите во УФП, вели дека наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.
Наредба за истрага денеска нема од Русковска, зависи од тоа што ќе најдат истражителите и надлежниот обвинител, во врска со фактите за незаконито работење што им ги предочиле пријавителите.
Финансовата полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.
Русковска во неколку наврати во САКАМДАКАЖАМ.МК укажуваше дека не е задоволна колку се открива и колку до нив се поднесуваат кривични пријави за организиран криминал и корупција. Таа постојано го прозиваше директорот Арафат Муареми и низ статистика докажуваше дека тие пријави што доаѓаат оттаму до Обвинителството како орган на гонење, се бројат на прстите на една рака годишно, и дека и тие што доаѓаат, се со згрешена адреса, па се враќаат на основните обвинителства.
С. К. ДЕЛЕВСКА