Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја повика македонската опозиција да докаже дека е посветена на членство на земјата во ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по првата меѓувладина конференција во Брисел.
Вархеји вели дека опозицијата не треба да предизвикува контроверзи и емоции кои, како што кажа, нема да и донесат ништо добро на земјата.
„Отсега па натаму се надевам дека сите политички партии, вклучувајќи ја и опозицијата, ќе работат на европска иднина на земјата и нема да предизвикуваат контроверзи и емоции кои нема да донесат ништо добро за државата. И затоа ја повикувам опозицијата, а имав прилика да видам како се надминаа границите на пристојноста и европските вредности токму во текот на оваа дебата, но се надевам дека со оваа меѓувладина конференција ќе свртиме нов лист. Опозицијата секогаш тврди дека се посветени да се случи ова членство во ЕУ, нека го докажат тоа”, изјави Вархеји.
Прашањето до Вархеји беше што ќе се случи ако не бидат усвоени уставните измени за внесување на Бугарите, за што е потребна поддршка од опозицијата во македонското Собрание.
М. ИЛИОСКИ