ОВА НЕМА ДА БИДЕ ЗАБОРАВЕН СЛУЧАЈ, НО НИ ТРЕБА УШТЕ ВРЕМЕ ЗА ДА ГО ИСТРАЖИМЕ, РЕЧЕ САЛИ ЗА ЕКСПЕРИМЕНТАЛНАТА ХЕМОФИЛТРАЦИЈА НА БОЛНИ ОД КОВИД ВО „ЖАН МИТРЕВ“

    ОВА НЕМА ДА БИДЕ ЗАБОРАВЕН СЛУЧАЈ, НО НИ ТРЕБА УШТЕ ВРЕМЕ ЗА ДА ГО ИСТРАЖИМЕ, РЕЧЕ САЛИ ЗА ЕКСПЕРИМЕНТАЛНАТА ХЕМОФИЛТРАЦИЈА НА БОЛНИ ОД КОВИД ВО „ЖАН МИТРЕВ“Министерот за здравство Беким Сали рече дека е формирано стручно тело кое детално ја испитува ситуацијата и вети дека нема да се заборави. (Фото: Принтскрин од видео)

    Се` уште нема лица кои ќе одговараат за случајот со експерименталната хемофилтрација на пациентите со ковид-19 во приватната клиника „Жан Митрев“ по што, според документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), болните починале од интрахоспитални инфекции. Министерот за здравство Беким Сали на денешната прес конференција рече дека е формирано стручно тело кое детално ја испитува ситуацијата, но побара уште време за да се соберат сите информации, притоа нагласувајќи дека случајот нема да биде заборавен.

    „Во последните 3 години, Државниот сантарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во Клиничката болница ‘Жан Митрев’ спровел 3 редовни и 9 вонредни инспекциски надзори. Во моментов се одвива работен состанок во МАЛМЕД со стручната служба и претставници на Клиниката во однос на изнесените наоди дека се вршени клинички испитувања врз пациенти и дали се вршени согласно важечките прописи. Во тек се активности во Лекарската комора по однос на вршењето на стручниот надозр и ги очекувам информациите. Јас чувствувам длабока одговорност и решен сум случајот да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги заштитува пациентите. Никој не е над законот , ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај“, рече Сали.

    За хемофилтрацијата рече дека се користи за третман на пациенти во тешка здравствена состојба на интензивна нега и се применува по индикација и проценка на лекарот. Ако се користи во рана фаза може да биде ризична за болните. Но, дали методата е применувана кај пациeнтите согласно строгите критериуми е проценка која треба да ја направи стручниот надзор.

    „Можам да потврдам дека во ниедна земја сето тоа што е применето за ковид не е базирано врз докази. За одредени случаи хемофилтрацијата е базирана врз медицина на докази. На Клиника за кардиохирургија се користи како метод, но дали се користи за ковид зашто тоа е нова инфекција? Јас тврдам дека нити една земја не може да потврди дека тоа што го правела за ковид е докажано со медицина на докази. Не бранам никого. Дали може некој да потврди која терапија за ковид била најсоодветна останува на медицината во иднина да докаже која била најуспешна, а која условно кажано промашена“, додаде министерот за здравство.

    Запрашан дали не знаеле дека хемофилтрацијата се нудела на пациенти за пари како патлиџани на пазар, министерот рече дека истражувачката сторија на ИРЛ траела две години, а тие не можат за два дена да дадат точни податоци што точно се случувало. Посочи дека тоа ќе се испитува и дека не треба да се избрзува со употреба на терминот експериментирање со пациенти додека тоа не се докаже. За таа цел остануваат отворени за соработка со обвинителството кое покрена постапка.

    Директорката на Држаниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова- Бухова за деветте вонредни инспекциски надзори кои биле направени во „Жан Митрев“ рече дека дури пет биле за сомнеж за лекување вон протокол, а за пациенти починати во установата. Еден друг надзор бил за пациентка оперирана од срце, а потоа примена на Клиника за кардиологија и ѝ била изолирана бактерија, а друг за пациентка по грешка ставена на список за починати лица. Исто така, било доставено и известување од епидемиолозите на Институтот за јавно здравје дека од болницата немаат редовно пријавување на заразни болести, изолати и починати лица. По укажаните недостатоци, забелешите биле остранети.

    Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја објави истражувачката сторија за лекување на пациенти од ковид-19 со хемофилтрација, при што некои починале од интрахоспитални инфекции. Истражувачката документарна емисија „Нечиста крв“ е базирана на сведочењето на семејство чиј член починал во приватната клиника откако добил повеќе интрахоспитални бактериски инфекции, бидејќи бил подложен на хемофилтрација. Истражувањето на ИРЛ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да бидат известат дека се дел од медицинска студија.

    За случајот предмет овори и Јавното обвинителство, а Владата го задолжи Министреството за здравство до денеска да ѝ достави информација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира