ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ЈА РАЗРЕШИЈА ДИРЕКТОРКАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ, ЖУЛИЕТА ЃУРКОВА, ЗАШТО САКАЛЕ НОВО ЛИЦЕ ПО 14 ГОДИНИ

    ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ЈА РАЗРЕШИЈА ДИРЕКТОРКАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ, ЖУЛИЕТА ЃУРКОВА, ЗАШТО САКАЛЕ НОВО ЛИЦЕ ПО 14 ГОДИНИЗа смената на Ѓуркова гласале и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (Фото: СДК.МК)

    Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион ја разреши Жулиета Ѓуркова од функцијата директор на Центарот за развој, иако сè уште ѝ трае мандатот. За нејзино разрешување гласаа градоначалниците на Гевгелија, Василево, Босилово, Ново Село, Радовиш и Конче, сите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и градоначалнциите на Струмица и Богданци, кои доаѓаат од СДСМ. Првите луѓе на Валандово и Дојран не се појавиле на седницата во Ново Село откако разбрале дека ќе се расправа и за смена на директорката.

    Претседателот на Советот, гевгелискиот градоначалник Андон Сарамандов, не прецизираше зошто ја разрешија Ѓуркова, која пред неколку месеци ја доби нивната доверба. Во писмениот одговор објаснува дека било добро по 14 години да има ново лице на чело на оваа институција.

    Одлуката за избор на нов директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше донесена едногласно од страна на членовите на истиот. Во изминатиот период, по направените разговори со градоначалниците од Југоисточниот плански регион, договоривме директор да се бира на почетокот на мандатот на градоначалниците. Жулиета Ѓуркова беше на оваа функција 14 години и нашиот став е дека е добро да ја наследи ново лице, кое би додало нова енергија во работењето на Центарот за развој, со цел навремено остварување на програмата и акциониот план“, стои во писмениот одговор на Сарамандов.

    За разрешувањето на Ѓуркова реагираа независните советници од Фронтот против изградба на рудници „Стига е“. Според нив, Ѓуркова е жртва на договор на градоначалниците од двете партии, а нејзиниот најголем грев е што нема политичка позадина.

    Како прв човек на Центарот има реализирано 85 проекти со над 15 милиони евра инвестиции. Ова е обид да се партизира и Центарот, чија улога е да влече пари од разни фондови. Менуваат докажан менаџер кој се грижеше за рамномерниот развој на сите 10 општини во регионот. Не држи објаснувањето дека е потребно ново лице со нова свежина, а веќе се слуша дека ќе ја наследи поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Не гледаме ниту законска основа за нејзина смена, бидејќи има важечки мандат“, кажа Ѓорги Танушев од Советот на Струмица.

    Градоначалниците донеле одлука да се распише јавен оглас за избор на нов директор на Центарот за развој, а дотогаш, со него ќе раководи Јован Коцев. Ѓуркова, како што информираат, ќе остане на раководна позиција во Центарот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира