ОПШТИНА БИТОЛА ДОДЕЛУВА 15 СТИПЕНДИИ ЗА БИТОЛЧАНИ КОИ ЌЕ СТУДИРААТ ВО СКОПЈЕ НА ПРИВАТНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЗА ТУРИЗАМ И МЕНАЏМЕНТ

    ОПШТИНА БИТОЛА ДОДЕЛУВА 15 СТИПЕНДИИ ЗА БИТОЛЧАНИ КОИ ЌЕ СТУДИРААТ ВО СКОПЈЕ НА ПРИВАТНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЗА ТУРИЗАМ И МЕНАЏМЕНТСоветничката од опозиционата СДСМ, Јасмина Буневска-Талевска, која е и универзитетски професор, реагираше дека наместо за Битола, градоначалникот Тони Коњановски дели стипендии за приватен универзитет во Скопје. (Фото: Архивска фотографија)

    Општина Битола во соработка со приватниот Универзитет за туризам и менаџмент од Скопје доделува 15 стипендии за битолчани кои ќе се запишат на додипломски студии во престојната академска година. Од Општината соопштија дека конкурсот беше објавен вчера и документите може да се достават најдоцна до 31 август.

    Меѓу условите, како што се да постигнат висок успех во учењето и слично, пропишано е кандидатите да бидат жители на Општина Битола. Изборот ќе го врши Комисија формирана од Општина Битола. Предност во доделувањето стипендии ќе имаат заинтересираните со одличен успех, кандидати од социјално загрозени семејства, деца без родители и ранливи категории.
    Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен најдоцна до 16 септември, на официјалната вебстрана на Општина Битола.

    Ректор на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент е Аце Миленковски, кој од 1996-2005 беше градоначалник на Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    Советничката од опозиционата СДСМ, Јасмина Буневска-Талевска, која е и универзитетски професор, реагираше дека наместо за Битола, градоначалникот Тони Коњановски дели стипендии за приватен универзитет во Скопје.

    „Многу градови и општини ширум регионот нудат поволни сместувачки капацитети, школарини и безброј бесплатни услуги за да ги задржат студентите и за да привлечат нови студенти во сопствениот град. Само нашиот градоначалник своеволно, одлучил да додели стипендии за студирање на универзитет во Скопје. И тоа на приватен универзитет. Зарем заборави дека Битола има универзитет и дека факултетите при УКЛО со сите сили се борат за секој еден студент да остане или да ни дојде во Битола, да ни се развива студентскиот живот и студентскиот и севкупниот стандард на Битола’, рече советничката Буневска-Талевска.

    Од Општина Битола ја демантираа советничката Буневска-Талевска, посочувајќи дека финансиските средства се обезбедени од Универзитетот, а не од Општината. Од таму велат дека Коњановски преку воспоставување соработка со универзитетите создава нови можности за студентите и подобри услови за напредок на Битола. Покрај со Универзитетот за туризам и и менаџмент од Скопје, меморандум за соработка имаат потпишано и со Архитектонскиот факултет при државниот универзитет во Скопје, со што воспоставуваат партнерство за клучни прашања во областа на архитектурата, урбанизмот, одржливиот развој и културното наследство, а што е најважно експертските познавања на стручните лица од овој универзитет ќе бидат од значајна поддршка за изработување на новиот ГУП на Oпштина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира