Косовската влада ја одложи примената на новите правила за регистарски таблички за локалните Срби, што вчера доведе до тензии и блокади во северниот дел на земјата. Српските медиуми објавија дека ноќта поминала мирно, но граничните премини Јариње и Брњак и натаму се затворени.
Новите мерки требаше да стапат на сила на полноќ, но американскиот амбасадор Џефри Ховение побара од косовските власти да ги одложат за 30 дена, што беше прифатено.
„Се чини дека имало дезинформации и недоразбирање околу одлуката“, изјави Ховение.
Според новите мерки, жителите од областите со српско мнозинство требаше да ги заменат табличките издадени во Србија за косовските.
Покрај барикадите, косовската полиција соопшти дека на неколку локации се слушнале и истрели, но нема информации за повредени. На северот на Косово биле огласени и сирени за тревога.
НАТО ја опиша ситуацијата како тензична откако стотици Срби паркираа автомобили и камиони во близина на двата клучни гранични премина кон Србија, а од КФОР кажаа дека биле подготвени да интервенираат во случај на загрозување на стабилноста.