Со употребата на алатката изборенкомпас.мк, голем број на граѓани ги потврдиле нивните политички ставови, вели, Трајче Панов, проектeн менаџер на Изборен компас Македонија.
„Значаен дел исто така одговорија дека алатката им го зголемила интересот за политичките позиции на партиите додека пак кај помал број влијаела дури да го променат својот став за која политичка партија би гласале. Голем е бројот и на граѓани кои добија изненадувачки резултат за тоа која партија е најблиска до нивните гледишта. Токму тие што беа изненадени од резултатите, упатија критики на алатката искажувајќи го јавно незадовоството од резултатите кои ги добиле. Сепак, најблиската партија која алгоритмот ја нуди на граѓан(к)ите е значи само една од можностите кои корисниците ги добиваат со пополнување на алатката“, вели Панов.
Тој потенцира дека се задоволни од примената на Компасот, иако ситуацијата во Македонија и во ЕУ е различна.
„Политичката ситуација во Македонија значително се разликува од состојбата во државите во Европската унија. Големата политичка поларизација, фрагментацијата на медиумите, значајноста на изборите и големиот степен на недоверба во искажувањето на јавниот став кој во значителна мера е предизвикано од аферата со прислушкувањето, се разбира дека ја прави состојбата во Република Македонија значително различна отколку во ЕУ. Сепак, и покрај ваквата политичка клима, ние сме исклучително задоволни од бројот на корисници која ја посетија веб страницата и ја искористија алатката“, рече Панов.
Тој додава дека бројот на корисници веќе е поголем од голем број на држави од нашето соседство. Само за ислустрација, бројот на корисници во Македонија е многу поголем отколку во Хрватска, Бугарија, Словенија, Словачка, Романија и други каде ваква слична алатка наречена „ЕУ и јас“ се користеше за Европските избори во 2014. Трајче Панов вели дека попрецизна слика за конкретните ефекти од алатката во Македонија ќе има по завршувањето на изборите на 11 декември.