Куќата во која е сместен бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, именуван по соработник на фашистите во Втората светска војна, битолчани ја познаваат како поранешен дом на семејството фотографи Папакоч. Објектот се наоѓа во еврејскиот кварт наречен Ла Мале на улицата Рузвелтова, но досега ниту една институција, ни некој од истражувачите во градот не спомнал дека во неа некогаш живееле Евреи. Дилемата дали некогаш во минатото имотот бил еврејски се отвори по репортажата на германскиот национален ТВ сервис ЗДФ во која беше посочено дека куќата каде денес е сместен бугарскиот клуб некогаш била еврејска.
Еврејската заедница на Македонија соопшти дека започнала со процедурата во Катастарот во Битола за се дознае историјата и движењето на имотот, со цел да се утврди дали бил еврејски. Од Катастрот им било соопштено дека постапката ќе трае седум дена. И Архивот од Битола ќе ја истражи информацијата, но велат дека е потребно време за да се пребара во збирката за битолските Евреи.
На 11 март 1943 година, се случила најстрашната трагедија врз македонските Евреи. Од Битола, 3351 лице од еврејско потекло со другите Евреи од Македонија заклучно со 5 април беа одведени во логорите на смртта во Треблинка, од каде ниту еден Евреин од Македонија не се врати. 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време беа депортирани во Треблинка Дел од младите Евреи кои се извлекоа од блокадата се приклучија кон партизанските единици. Вгодина ќе се навршат 80 години откако Битола изгуби дел своите сограѓани.
Клубот на Бугарите „Иван Михајлов“ се отвори на 16 април, а на отворањето беа бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката Илиана Јотова.
Според битолскиот хроничар и публицист Александар Стерјовски, во некогашниот еврејски кварт Ла Мале се наоѓа куќата на Евреинот Челебон Франко, вистински архитектонски бисер чиј сопственик, инаку трговец со текстилни производи, бил депортиран во Треблинка. По ослободувањето, подолго време во куќата живеел интернистот Хаим Абраванел чие име, поради заслуги во битолското здравство, од 2018 го носи Домот за народно здравје во Битола.
Во близина се наоаѓаат и куќите на доктор Давид Барух, Жак Морис, Насим и Пепи Мизрахи, Соломон Талви, па и поштата била подигната на еврејски плац. На Рузвелтова е и таканаречаниот Пионерски дом, во минатото подигнат да биде училиште за децата од побогатата еврејска заедница. Има тврдења дека било изградено од Еврејската алијанса во Париз и со материјална помош на бароницата Хирш, а со работа отпочнало 1896 година. Но, ни во книгата на Стрејовски „Градби“ нема податок дека токму објектот каде се сместен бугарскиот клуб денес некогаш бил еврејски.
Повеќето објекти кои биле во еврејска сопственост на времето денес се вратени на Еврејската заедница. Тоа не е случај со овој објект кој по ослободувањето беше на семејството Папакоч, двајца браќа кои имаа фотографски ателјеа на Широк Сокак, а водеа потекло од Гопеш, Битолско. Подоцна ја продадоа куќата на други сопственици.
Според податокот што го објави порталот „Бабам Битола“ на еден од браќата, Димитар Папакоч, личната карта што му била издадена во Црството Бугарија во 1943 година, а како народност му запишале македонска. Според овој официјален документ, Царството Бугарија ја признавало народноста Македонец.
Ж. ЗДРАВКОВСКА