Научниците следат нов вирус што го пренесуваат животни, со кој досега биле заразени најмалку 35 луѓе во источна Кина. Вирусот наречен лангја досега е регистриран во провинциите Шандонг и Хенан. Симптомите вклучуваат треска, замор и кашлица.
Се верува дека луѓето се заразиле од животни и засега нема докази дека се пренесува од човек на човек.
„Досегашните случаи на лангја не биле фатални или сериозни и нема место за паника. Сепак, треба да се биде претпазлив, зашто повеќето вируси кои постојат во природа имаат непредвидливи резултати кога ќе заразат луѓе“, изјави Ванг Лифа, истражувач од медицинското училиште „Дјук-НУС“ во Сингапур.
Вирусот е регистриран главно кај глодарите ровчици.
„Вирусот е пронајден кај 27% од тестираните ровчици, што значи дека цицачи кои живеат под земја би можеле да бидат природен резервоар на овој вирус“, додаде Лифа.
Лангја спаѓа во групата хенипавируси, односно вируси кои можат да се пренесат од животно на човек.