МВР ПОКРЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ КОИ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛЕ СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА ЗА ДА ЈА ВОЗНЕМИРУВААТ НОВИНАРКАТА НА „ФОКУС“ КЛИНЧАРОВА ЗА ОБЈАВЕН ТЕКСТ

    МВР ПОКРЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ КОИ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛЕ СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА ЗА ДА ЈА ВОЗНЕМИРУВААТ НОВИНАРКАТА НА „ФОКУС“ КЛИНЧАРОВА ЗА ОБЈАВЕН ТЕКСТТројца полицајци од Неготино вчера дошле на домашна адреса на новинарката Вики Клинчарова од „Фокус” поради службен разговор за текст што таа го објавила. (Фото: СДК.МК)

    Oдделот за внатрешна контрола покренал дисциплинска постапка против тројца полициски службеници од Полициска станица Неготино поради несоодветно извршување на работните задачи, откако вчера тројцата дошле на домашна адреса на новинарката Вики Клинчарова од „Фокус” поради службен разговор за текст што таа го објавила.

    „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР постапувајќи по пријава од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за непрофесионално полициско постапување на 11.08.2022 кон новинарката на Фокус В.К. од Неготино, а во врска со поплака од страна на жена од Неготино која на 08.08.2022 удрила малолетник со автомобил на улица Маршал Тито во Неготино, за што новинарката објавила текст, утврди несоодветно извршување на работните задачи од полициски службеници и поради тоа ќе бидат изречени дисциплински мерки односно ќе биде поведена дисциплинска постапка против тројца полициски службеници, согласно колективниот договор“, соопшти МВР.

    „Според Предупредувањето кое полициските службеници ѝ го доставија на Клинчарова за потпис, а кое таа не го потпиша, жената возач, која инаку не е именувана во текстот, не се објавени нејзини иницијали ниту пак со какво возило се случила несреќата, бара новинарката да биде предупредена дека објавила невистинита содржина за случената сообраќајка. Новинарката Клинчарова покрива теми од дневни настани во ‘Фокус’, а случајот со предупредувањето го цени како обид за заплашување на новинари, посебно ако се земе предвид податокот што сопругот на пријавителката е полицаец“, велат до редакцијата „Фокус“.

    ЗНМ вчера ја осуди постапката на МВР да се предупредуваат новинари поради објавен текст како „непримерна, несоодветна и непотребна, бидејќи на тој начин се врши притисок врз слободата на изразување на новинарите“ и побара одговорност од полициските службеници кои ги злоупотребиле своите овластувања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира