ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И ГРАДЕЖНИШТВОТО СЕ ЗАКАНА ЗА НЕОЛИТСКИТЕ ЛОКАЛИТЕТИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ АРХЕОЛОЗИТЕ

    ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И ГРАДЕЖНИШТВОТО СЕ ЗАКАНА ЗА НЕОЛИТСКИТЕ ЛОКАЛИТЕТИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ АРХЕОЛОЗИТЕСамо со популаризација на тумбите и други локалитети може да се обезбеди нивна поголема заштита, вели д-р Гоце Наумов (Фото: СДК.МК)

    Потребна е поголема заштита на локалитетите останати од неолитот (младо камено доба) зашто голем дел од нив константно се оштетуваат од земјоделски и градежни активности, предупреди доцент д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата на предавање во Битола.

    Некогаш разни компании имаат индустриски активности кои делумно или целосно ги оштетуваат тумбите од неолитот. Затоа се трудиме да ги популаризираме сите тумби и други локалитети. Сакаме да укажеме дека се вредни и дека треба да бидат заштитени не само од археолозите, туку и од пошироката јавност, зашто тоа е уникатна материјална култура и штета е да се уништи и однесе во заборав. Пелагонија има огромно културно наследство кое Македонија може да го афирмира уште повеќе“, рече Наумов.

    Пелагонија е еден од најспецифичните неолитски региони на Балканот и пошироко.

    Има многу тумби и локалитети како што нема ниеден друг регион во Македонија. Само во пелагонискиот дел се познати повеќе од 150 неолитски локалитети, а во Македонија ги има вкупно 280“, додава Наумов.

    Археолошките наоди укажуваат на уникатноста на Пелагонија. Пронајдени се садови со орнаменти и декорација присутни само во Пелагонија. Највпечатливи се антропоморфните модели на куќи од пред 8.000 години пред нашата ера, предмети кои се спој на куќа и човек големи 30-40 сантиметри, кои се единствена појава во светот од тоа време. Во Породин се откриени неколку, и тоа во Велушка Тумба и Оптичари. Како варијанта ги има и во Скопскиот, Овчеполскиот и Полошкиот Регион, но надвор од Македонија од времето на неолитот ги нема.

    Нашите намери се да ги истакнеме овие предмети и автентичноста на Пелагонија во доменот на археологијата. Пелагонија вреди да се истражува темелно“, порача Наумов.

    Археолозите од Балканот кои летово присуствуваа на археолошките истражувања во Пелагонија велат дека градењето и земјоделските работи се голем проблем за неолитските локалитети..

    Не само во Србија или Мaкедонија, инфраструктурата и градбите одат напред и тоа сите го сакаме, но треба да се има на ум културното наследство кое е единствено и неповторливо. Во Србија постои закон кој гласи ‘ужива претходна заштита’. Значи, секој локалитет е заштитен, и оној кој е препознат и ископан и оној за кој не се знае. Нашите заводи имаат многу работа. Многу локалитети се загрозени“, вели Кристина Пенезиќ од институтот „Биосенс“ при Универзитетот во Нови Сад, која ја истражува предисторијата на Балканот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира