Украинската војска го ракетирала седиштето на руската платеничка група „Вагнер“ во регионот Луганск, откако руски новинар ја открил неговата локација на Телеграм. За нападот во Попасна известија украинскиот гувернер на Луганск, Сергеј Гајдај и неколкумина проруски новинари.
Бројот на жртвите не е познат, а фотографии кои наводно ја прикажуваат штетата се појавија на Телеграм.
„Вагнер“ е приватна воена компанија чии платеници војуваат во Украина во значителен број. Кремљ ја негира поврзаноста со „Вагнер“, чиј главен финансиер наводно е Евгени Пригожин, близок соработник на Владимир Путин.
„Украинските сили погодија непријателско седиште, чија локација беше откриена благодарение на руски новинар. Во успешен напад вчера беше уништено седиштето на ‘Вагнер‘ во Попасна. Се утврдува бројот на жртвите“, напиша Гајдај на Телеграм.
Весникот „Украинска правда“ објави дека рускиот новинар Сергеј Среда ја открил локацијата на седиштето на ‘Вагнер‘ во објава на Телеграм од 8 август. Тој објавил фотографии од посетата на седиштето, при што преку еден знак била идентификувана неговата точна адреса.
Попасна се наоѓа јужно од Северодоњецк во регионот Луганск, што руските сили целосно го контролираат од почетокот на јули.