Основното јавно обвинителство Охрид денеска по допрен глас оформи предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ – Охрид. Обвинителството соопшти дека е издадена наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на ова здружение на Бугарите во Македонија.
Здружението, именувано според бугарскиот цар одговорен за депортацијата на Евреите на окупираните територии во Втората светска војна, е основано на 9 ноември 2021, пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021.
„Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар ‘Иван (Ванчо) Михајлов’. Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази до СВР Битола, како и барања за податоци од Централниот регистар и Министерството за правда“, соопшти Обвинителството.
Бугарскиот културени центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, именуван според соработник на фашистите, се отвори на 16 април во присуство на тогашниот бугарки премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова.
По реакциите во јавноста минатата недела, особено од eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, од каде што соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети” и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“, Министерството за правда рекче дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација. Истиот ден од Централниот регистар соопштија дека Здружението е впишано во согласност со Законот за здруженија и фондации.
„Согласност од Министерство за правда не е доставено како прилог кон пријавата за упис, од причина што подносителот на истата доставил прилог доказ согласно член 49 став 2 од Законот за трговски друштва, а во врска со член 8 од Законот за здруженија и фондации, имено доставил согласност од сродник за внесување на името Цар Борис Трети во името на Здружението“.
Во реакцијата на Еврејската заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се вели: „Името на цар Борис Трети е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна. Да потсетиме, цар Борис Трети и Владата на царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и во Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблинка, во окупирана Полска. Цар Борис Трети на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија ‘Eден цар, еден народ, една држава’ и е докажан заговорник за спроведување на таканареченото ‘Конечно решение на еврејското прашање’. Ова е еклатантен пример на негирање и изопачување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите. Прашањата што ја вознемируваат македонската јавност со појавата на секое ново ‘здружение’ со име на ликови со фашистичко-нацистичко минато и биографија се однесуваат на (не)реагирањето на државните институции во Македонија на ваквите провокации, со што се дозволува да се компромитираат и подриваат антифашистичките темели на македонската државност, вградени во конститутивните документи на АСНОМ“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА