Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми се повлече од функцијата по своја сопствена волја, соопшти Управата за финансиска полиција (УФП).
Оттаму велат дека Муареми се повлекува имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за трите јавни обвинителки, на кои УФП им поднесе кривични пријави во врска со претресот од 18 јули, како и да ја суспендира шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
„Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се цитира Мауреми во соопштението на УФП.
Од УФП додаваат дека денешната одлука на Јавниот обвинител дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и оти злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.
Муареми беше именуван за директор на УФП во 2018 откако една година претходно беше в. д директор.
Јавното обвинителство претходно денеска соопшти дека Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми.
Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.
Како што соопшти Јавното обвинителство, Јовески денеска поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на трите обвинителки, за кои од Јавното обвинителство велат дека постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.