Законското решение за оданочување на каматите на депозитите е донесено уште во 1996, но неговото применување досега постојано се одложуваше и конечно ќе стапи на сила на 1 јануари 2023, вели министерот за економија Фатмир Бесими во интервјуто за МИА, дообјаснувајќи се по реакциите што се појавија откако најави даночни реформи.
„На 1 јануари 2023 на сила стапува и прогресивниот данок, со кој над милион денари годишно ќе се оданочуваат со 18 проценти, а 15 проценти е ставката за сите други доходи врз основа на данокот на личен доход. Тоа е законското решение. И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. Што се однесува до данокот на камати на депозити, и тој почнува да важи на 1 јануари 2023. Ова законско решение е донесено уште во 1996, но неколку пати е прологирано“, вели Бесими.
Тој појаснува дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци.
„И во другите земји во Европа и регионот тоа се оданочува: во Хрватска со 10 проценти, во Словенија со 27, во Унгарија со 18, а во Словачка со 20 проценти. Се работи за мал износ на средства. Ако некој има депозит од 100.000 денари орочен на 12 месеци, данокот на каматата од 1.000 денари би бил 100 денари. Значи, на годишен депозит од 100.000 денари, оданочувањето би било 100 денари“, појаснува Бесими, кој не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките.