ФИНСКАТА ПРЕМИЕРКА МАРИН СНИМЕНА КАКО СЕ ЗАБАВУВА, ОПОЗИЦИЈАТА ЈА ПОВИКА ДА НАПРАВИ ТЕСТ ЗА ДРОГА

    ФИНСКАТА ПРЕМИЕРКА МАРИН СНИМЕНА КАКО СЕ ЗАБАВУВА, ОПОЗИЦИЈАТА ЈА ПОВИКА ДА НАПРАВИ ТЕСТ ЗА ДРОГАСана Марин тврди дека на забавата имало само алкохол (Фото: Принтскрин од видео)

    Финската премиерка Сана Марин се соочува со критики во својата земја откако излезе домашно видео на кое е снимена како се забавува. На снимката што се појави на социјалните мрежи Марин пее и танцува со пријатели, меѓу кои се и фински јавни личности.

    Лидерката на една опозициска партија ја повика Марин да направи тест за дрога. Триесет и шестгодишната Марин негира дека земала дрога, но призна дека пиела алкохол и бурно се забавувала.

    Најмладата премиерка на светот често оди по забави и музички фестивали. Минатата недела, германскиот весник „Билд“ ја прогласи за „најкул премиер на светот“. Лани предизвика мал скандал и мораше да се извинува откако отиде во ноќен клуб по претходен контакт со лице позитивно на коронавирус.

    Коментирајќи го последното видео, Марин кажа дека знаела оти ја снимаат, но е вознемирена што тоа излегло во јавност.

    „Танцував, пеев, се забавував, тоа се совршено легални работи. Во ниеден момент не видов или дознав дека некој земал дрога“, кажа Марин.

    Таа додаде дека не планира да го смени своето однесување и дека ќе остане личност каква што била досега.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира