Руски ресторатер и рапер вчера го претставија „Старс кофи“, повторно отворајќи го ланецот кафулиња што претходно беше во сопственост на „Старбакс“, што е последното ребрендирање на голема западна компанија во Русија.
На настан во централна Москва, раперот Тимати и косопственикот Антон Пински го презентираа новиот бренд, чие лого многу потсетува на „Старбакс“, пред денешното официјално отворање. Американската компанија не ги коментираше сличностите со логото и името, туку само потсети на својата претходна изјава дека целосно се повлекла од рускиот пазар.
Тимати кажа дека морале да пронајдат нови добавувачи, но не се соочиле со проблеми.
„Најдовме нови добавувачи и вистинска апаратура и бидејќи баристите сето тоа правилно го измешаа, мислам дека добивме производ кој може да биде конкурентен“, изјави Тимати, кој важи за голем поддржувач на Кремљ и во 2015 објави песна која ги содржи стиховите „Владимир Путин е мој пријател“.
„Старбакс“ имаше 130 кафулиња и вработуваше околу 2.000 луѓе во Русија. Пински кажа дека кафулињата постепено ќе се отвораат овој и следниот месец.