ОГРЕВНОТО ДРВО Е ОД 2.000-4.000 ДЕНАРИ ЗА КУБИК И ГО НЕМА ВО СКЛАДОВИТЕ ВО ВЕЛЕС

    ОГРЕВНОТО ДРВО Е ОД 2.000-4.000 ДЕНАРИ ЗА КУБИК И ГО НЕМА ВО СКЛАДОВИТЕ ВО ВЕЛЕСВо приватните складови велат дека огревно дрво нема оти доцнеа тендерите за сеча на шумите. (Фото: СДК.МК)

    Складовите за огревно дрво во Велес се празни, а цените високи. Цената се движи од 2.500 денари во Шумското стопанство „Бабуна“ каде ретко се наоѓа, до 3.500 и 4.000 денари за просторен метар во приватните складови. Кога кон оваа цена ќе се додадат редовните трошоци за превоз, сечење, складирање на дрвото, во некои случаи стигнува и до 4.500 денари за просторен метар.

    „Таму каде што е најевтино, во Шумското го нема и се чека подолго време за испорака. Во приватните складови исто така нема, но може да се најде. Таму цената е многу повисока. Есента доаѓа, а останува дилемата како да се снабдиме со огревно дрво“, велат велешани.

    Според сопствениците на приватните складови, причината што огревното дрво го нема е касното објавување на тендерите за сеча на шумите, годинава во мај наместо како претходните години во февруари. За поскапувањето на цената на метар просторен се оправдуваат со високата цена за горивото кое го трошат камионите превозници и за пилите за сечење, но и цената на работата сила која и ја нема.

    „Многу доцна се доделија тендерите за сеча, дури во мај, наместо во февруари. Тоа се три месеци без работа, без дрва и сега од мај наеднаш треба да се задоволат барањата на стотици семејства за краток период. Затоа нема дрва. Плус, нема работници кои ја сечеа шумата. Сите заминаа за Италија“, велат приватните продавачи на дрва за огрев од Велешко.

    Од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ велат дека во подружницата на „Бабуна“ во Велес нема реакции на граѓаните затоа што сите уплати за буково огревно дрво биле испочитувани и испорачани. Доцнењето на тендерите било поради поништени тендери во постапката од февруари.

    „Сите уплати на граѓаните за огревно дрво ќе бидат испочитувани до средината на септември. Испораката на буково огревно дрво е завршена, останува само да се испорачаат уплатените количини за дабово огревно дрво. Сеча со дотур на дрвни сортименти за сите подружници во составот на јавното претпријатие, вклучувајќи ја и ‘Бабуна – Велес’, беше објавена на 15.02.2022 година. По целосно спроведување на оваа постапка, огласот повторно се објави на 13.05.2022 година, за делови кои во првата постапка биле поништени, а подружниците имале потреба од повторна објава. Постапката во мај е повторување, односно реобјава на делови од првичната постапка кои биле поништени“, велат од „Македонски шуми“.

    Со покачувањето на цената на огревното дрво, се качија и цените на пелетите од 180 на 350 денари за една вреќа и на брикетите од 17 на 22 денари за килограм. Според истражување на Хабитат Македонија од 2019, во Велес 61 отсто од семејствата се греат на дрва.
    Владата на 11 август одлучи да ја замрзне маржата до крајот на годината за огревното дабово и буково дрво и за пелетите. Највисоката трговска маржа за огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев за сите трговци се утврдува во висина најмногу до 10%.

    „Висината на трговска маржа најмногу до 10% за огревното дрво и пелети ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа. Причината за ограничување на трговската маржа се заснова на усогласување на разликите во цените кои сега се присутни во трговијата на мало, односно при продажба на огревно на дрво и пелети за огрев“, соопшти Владата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира