САШО МИЈАЛКОВ ДОЈДЕ ВО СТРУШКИОТ ЗАТВОР, ПОЧНА ДА ЈА ОТСЛУЖУВА ТРИГОДИШНАТА КАЗНА

    САШО МИЈАЛКОВ ДОЈДЕ ВО СТРУШКИОТ ЗАТВОР, ПОЧНА ДА ЈА ОТСЛУЖУВА ТРИГОДИШНАТА КАЗНАМијалков се спогоди за признание на вина со обвинителката Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција и од судија во Кривичниот суд Скопје доби затворска казна од 3 години, која се лежи само навечер, во едно од затворските отворени одделенија. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Мијалков дојде денеска во затворот во Струга и почна да ја отслужува тригодишната затворска казна за „Империја“, потврдија од управата на затворот за САКАМДАКАЖАМ.МК. Во врска со третманот што треба да му го одреди, директорот на затворот Ваљон Ќуља ни рече дека Мијалков штотуку дошол и засега е во отворено одделение.

    Мијалков првично требаше до оди во затвор на 8 август, но побара одложување од здравствени причини. На 19 август, според објавите на социјалните мрежи кои беа пренесени и во медиумите, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Мијалков го прослави раѓањето на внуката на забава во скопскиот хотел „Мериот“ во присуство на бројни личности од јавниот и бизнис живот во земјава.

    Пресудата на Мијалков му беше изречена на 8 јули. Тој се спогоди за признание на вина со обвинителката Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција и од судија во Кривичниот суд Скопје доби затворска казна од 3 години, која се лежи само навечер, во едно од затворските отворени одделенија, во Струга, Скопје, Струмица и во други затвори кај што ја има таа опција. Во рекорден рок, Мијалков потоа поднел барање до МВР за промена на адресата и веднаш добил нова адреса во Охрид. Според пресудата, на Мијалков му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра во корист на државата и шест милиони евра готовина.

    Од неодамна, во отворениот затвор во Струга почна да ја одлежува едногодишната казна и Орце Камчев, кој призна вина за „Империја“, признавајќи ги сите незаконски работи што ги правел со Мијалков, кои Стефанова им ги стави на товар. И во „Плацеви на Груевски“ Камчев ја раскажа целата шема на прикривање на плацевите на Груевски и на перењето на неговиот имот, по налог, како што рече, на Мијалков. Во отворениот затвор во Струга одлежува казна за „Рекет“ и Зоран Милески-Кичевскиот поради Камчев, кој го пријави заедно со Бојан Јовановски и Катица Јанева дека му барале рекет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира