НОВОИЗБРАНИТЕ СОВЕТНИЦИ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО ГИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИТЕ, ЗА МОЖНИТЕ КОАЛИЦИИ СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЗБОРУВА

    НОВОИЗБРАНИТЕ СОВЕТНИЦИ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО ГИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИТЕ, ЗА МОЖНИТЕ КОАЛИЦИИ СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЗБОРУВАСоветот на Општина Тетово е составен од 6 политички партии. (Фото: СДК.МК)

    Советниците на општина Тетово денеска и официјално ги добија сертификатите од Општинската изборна комисија. Советот на Општина Тетово е составен од 6 политички партии од кои 12 се на Движењето БЕСА, 11 од ДУИ, 4 од ВМРО-ДПМНЕ, 2 од СДСМ и по 1 советник од ДПА и Алијанса за Албанците.

    Во наредниот период претстои договор помеѓу партиите околу формирањето на мнозинство во Советот иако контурите на идното коалицирање веќе се наѕираат. Во минатиот состав БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ беа во коалиција па таа соработка има големи изгледи да продолжи и понатаму.

    „Ние, како политички субјект кој има мнозинство, секогаш сме подготвени да бидеме конструктивни со другите политички партии кои го имаат добиено мнозинството во македонскиот политички блок бидејќи го почитуваме изборот на народот“, изјави Беса Кадриу од Движењето БЕСА.

    „Дали мнозинството во Советот ќе биде исто како и во минатиот состав, ќе се знае деновиве. Опозицијата на централно ниво, во Тетово победи на локално ниво. Се надевам дека ова мнозинство ќе расте и ќе кочници од другите политички партии“, изјави Ангел Карапетров, носител на советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ.

    ДУИ веќе е помирена со фактот дека и во овој состав на Советот ќе биде во опозиција, но најавуваат дека ќе бидат конструктивна опозиција.

    „И понатаму ќе продолжиме да бидеме меѓу граѓаните бидејќи сме единствената политичка сила во државата. Ние успеавме да создадеме стабилен заеднички опозициски фронт кој ги поддржува и спроведува проевропските политики на нашата земја. Според резултатите ние веќе сме во опозиција и тоа сила опозиција заедно со СДСМ, ДПА и со Алтернатива“, изјави Лиридон Диша, советник од ДУИ.

    Од ДПА исто така не најавуваат со кого ќе коалицираат, а додека од СДСМ не дадоа изјава.
    Според законската регулатива, Советот треба да се конституира најдоцна 20 денови од денот кога советниците ги добиле Уверенијата од Општинската изборна комисија. Според некои најави тоа се очекува да се случи на почетокот од наредниот месец.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира