Од први септември се воведува кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на цела држава. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Кризна состојба за парното се воведува поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. За струјата одлуката е донесена поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија и на топлинската енергија ќе трае 30 дена од денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки.
„Со денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно уредбите кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба“, велат од Владата.
Ова е вторпат Владата да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена, првата беше во ноември лани. Тогаш, министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека нема да има рестриктивни мерки кои би влијаеле на секојдневниот живот на граѓаните.