ОБВИНИТЕЛСТВОТО НАРЕДИ ЕКСХУМАЦИЈА И ОБДУКЦИЈА НА 25-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПОЧИНА ОД СЕПСА ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО НАРЕДИ ЕКСХУМАЦИЈА И ОБДУКЦИЈА НА 25-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПОЧИНА ОД СЕПСА ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦАПредметот е оформен по допрен глас со цел да ги утврди причините за смртта на пациент од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип. (Фото: СДК.МК)

    Штипското обвинителство нареди Судска медицина да изврши ексхумација, обдукција и идентификација на телото на 25-годишниот Ј.Д. од Берово, за кого роднините велат дека починал од сепса по дренирање заб во Штипската болница. Од Штипското обвинителство велат дека оформиле предмет по допрен глас со цел да ги утврди причините за смртта на пациент од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

    „Основното јавно обвинителство Штип, по објавени информации на социјалните мрежи и во медиумите, оформи предмет по допрен глас со цел да ги утврди причините за смртта на пациент од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип. Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби до МВР-СВР Штип и до ОВР Берово со цел да се прибави целокупната медицинска документација околу текот на лекувањето на починатото лице од сите приватни и јавни здравствени установи и ординации каде пациентот побарал лекарска помош. Исто така, полицијата е задолжена да изврши разговори со лекарите и со останатиот медицински персонал кој постапувал, како и со членови на семејството на пoчинатиот пациент. Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, денеска издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина – Скопје. Обвинителството постапува со цел да ги испита наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице“, соопштија од ОЈО Штип.

    Вчера, Министерството за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип за 25-годишниот пациент кој починал од сепса.

    Како што соопштија од МЗ, директорот на штипската болница Ален Георгијев побарал да се изготви комплетен извештај за начинот на третман на пациентот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира