ПАРЦЕЛИТЕ НА МАУЦКЕР КОИ ОДАТ НА ПРОДАЖБА НЕ СЕ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ, ВЕЛАТ ОД ЗАВОД И МУЗЕЈ ОХРИД

    ПАРЦЕЛИТЕ НА МАУЦКЕР КОИ ОДАТ НА ПРОДАЖБА НЕ СЕ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ, ВЕЛАТ ОД ЗАВОД И МУЗЕЈ ОХРИДНевладините организации реагираат дека земјиштето на Мауцкер е од висока категорија и дека тоа веќе е заштитено со Закон за заштита на културното наследство. (Фото: СДК.МК)

    Парцелите на Мауцкер кои се на државно земјиште, а со последната седница на Советот на Општина Охрид од 26 август одат на продажба, не се археолошки локалитети, велат од Завод и Музеј Охрид. Оттаму додаваат дека при изведба на градежни работи се бара надзор од археолог со што се исклучува можноста да се гради врз земјиште кое претставува археолошки локалитет.

    Мауцкер претставува археолошки локалитет, каде се наоѓал античкиот град Хермелеја. Веднаш до него се наоѓа црквата „Св. Еразмо“ од XIII век и уште постарата монументална базилика „Св. Еразмо“ која е една од најстарите цркви во Европа, датирана пред VI век.

    „Кога ќе се каже локалитет тоа е поширок поим. Таму целата област се нарекува Хермелеја. Таму се определени граници со решение, а границата на тој локалитет не влегува, не се меша со парцелите кои се предмет на разговор. Уште во 2014 година, кога тоа земјиште за првпат беше предмет на разговор да се дава како индустриска зона, се проверени парцелите и истите не се совпаѓаат со парцелите кои потпаѓаат под локалитетот Хермелеја. Тоа е државно земјиште и немаме констатирано ништо таму, но бидејќи е во близина кога ќе започнат градежни работи ќе има археолошки надзор“, вели Анатоли Арнаудоски, виш кустос археолог од Завод и Музеј Охрид.

    Завод и Музеј го доставил Извештајот за парцелите уште од 2014 година до Општината и до сите надлежни институции, во кој стои дека земјиштето не влегува во локалитетот Хермелеја.

    Но, во јавноста се многу гласни се реакциите дека земјиштето е од висока категорија и дека тоа веќе е заштитено со Закон за заштита на културното наследство.

    „Не се работи само за археолошки локалитет, туку се работи за археолошки комплекс. Мауцкер ниту смее да се распродава, ниту пак таму може да се гради“, велат дел од невладините организации.

    „Уништувањето на светско културно наследство свесно со отуѓување значи и уништување на археолошкиот комплекс Сончев Рид“, стои во реакција на здружението „Енхелеус Лихнид-Охрид“.

    Советничката на Левица Виолета Аврамоска, која побара повлекување на точката за продажба на државно земјиште од дневен ред на 15 Седница на Советот на Општина Охрид на 26 август, смета дека продажбата на Мауцкер е со цел остварување на лични интереси и профити.

    „Спротивно на актуелниот План за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион каде е регулирано и управувањето со археолошкиот локалитет Хермелеја на Мауцкер, Општина Охрид го распродава локалитетот за 1 евро за квадрат. Државното земјиште не е лична сопственост ниту на градоначалникот, ниту на неговата партија, ниту нa никој од нас, туку на народот. За продажбата на Мауцкер треба да се слушне гласот на охриѓани, а не интересите на бизнис елитата и профитерите од власта“, вели Аврамоска.

    Но Советот ги отфрли сите 82 амандмана кои Аврамоска ги поднесе за оваа точка и ја усвои Предлог-програмата за измени и дополнувања на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2022 – 2024 година.

    Активистите од граѓанската иницијатива Охрид СОС апелираат дека земјиштето на локалитетот Мауцкер кое е пренаменето за индустриска зона треба да се заштити, односно да не се дозволи урбанизација на една од ретките зелени површини во градот.

    „Локацијата на Мауцкер која е пренаменета за индустриска зона се наоѓа во непосредна близина на два археолошки локалитета, еден на магистралниот пат Охрид-Скопје, а другиот на ридот над патот. Ако со години беше дива депонија толерирана од комуналните претпријатија и Општината, давајќи грда слика на влезот во градот, сега овој простор ќе се трансформира во потенцијален загадувач“, објавија Охрид СОС на нивната фејсбук страна и запрашаа „Дали Урбанистичкиот план вон населено место за индустриска зона Мауцкер Општина Охрид го усогласи со Планот за управување согласно обврските кон УНЕСКО и кој исто така треба да биде одобрен од Комисијата?“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира