Претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот парламент Михаил Рот се надева дека сега во македонското собрание ќе можат да се создадат предуслови за да може земјата да продолжи со пристапните преговори со ЕУ. Рот, кој претходно беше министер за Европа, вели дека знае дека на многумина им паѓа тешко кога станува збор за уставните промени за вметнување на Бугарите во Уставот, но додава дека секој треба да си го постави прашањето како може да ѝ помогне на својата земја, а не на партијата.
„Се надевам дека сега во македонскиот парламент ќе можат да се создадат предусловите за да може да се продолжи ангажирано со пристапните преговори. Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за овие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да ѝ помогнам на мојата партија, туку како можам јас да ѝ помогнам на мојата земја“, кажа Рот по средбата со претседателот Стево Пендаровски во претседателската вила.
Рот вели и дека сега е моментот Европската унија да ја врати изгубената доверба.
„Знам дека политичарите во земјата треба да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот и да создаваат работни места, но исто така сега и ЕУ треба да ја врати довербата која што е изгубена и да не остане само на разни ветувања, туку да направи нешто конкретно, да продолжи со поддршката на политички и економски план. Сега треба да покажеме солидарност, пред сè со Западен Балкан, особено со луѓето во Северна Македонија“, рече Рот.
За ЕУ, тој кажа дека е заедница во која има културна и различна разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет.
„Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на кое се базира ЕУ“, кажа германскиот пратеник.
Германскиот пратеник денеска е во посета на Скопје, и освен со претседателот Пендаровски има средби со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собранието Талат Џафери и претседателот на Комисијата за надворешни прашања Антонио Милошоски.