ЧЕТИРИ ГОДИНИ ГО ОСМИСЛУВАВ „МАКЕДОНИСИМО“ И УШТЕ ПЕТ ГОДИНИ МИ ТРЕБАА ДА ГО ДОНЕСАМ ДОМА, ВЕЛИ ТРПЧЕСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА

    ЧЕТИРИ ГОДИНИ ГО ОСМИСЛУВАВ „МАКЕДОНИСИМО“ И УШТЕ ПЕТ ГОДИНИ МИ ТРЕБАА ДА ГО ДОНЕСАМ ДОМА, ВЕЛИ ТРПЧЕСКИ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРАТрпчески најави дека „Македонисимо“ ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2 март во Виена (Фото: КултурОп)

    Пет години по светската премиера во германскиот град Лудвигсбург, животниот музички проект на Симон Трпчески, „Македонисимо“, конечно ќе се изведе и пред македонската публика.

    Уникатниот проект кој ја спојува македонската народна музика со влијанијата на џезот и класичната музика ќе ја има македонската премиера на 14 септември на платото пред Националната опера и балет во Скопје, по што ќе се изведе и во Штип на 24 септември и ден подоцна во Битола. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

    „‘Македонисимо‘ конечно доаѓа дома и горд сум што ќе имаме можност да го претставиме проектот пред народот на кој му е посветен. Имав желба ова да се случи порано и малку жалам што порано не го иницирав, но агендата е набиена и притоа цело време треба да се биде на нивото што се очекува од вас. Жалам што толку време помина, но истовремено сум свесен за одговорноста. Ќе имате можност да чуете малку поинаков музички јазик, да ја чуете македонската народна музика во автентична изведба од класично образовани музичари“, вели Трпчески.

    Тој откри дека пред светската премиера, четири години работел во својата глава на овој проект, а креативниот процес со композиторот Панде Шахов траел една година. На крајот е добиен сплет од 23 нумери, главно ора и по некоја песна.

    Со Шахов соработувавме многу блиску во процесот на создавањето на овој проект, за кој нескромно можам да кажам дека претставува нов музички стил. Притоа се консултирав со Институтот за фолклор ‘Марко Цепенков‘ и со ансамблот ‘Танец‘, кои несебично ги споделија своите огромни материјали. Преку овој проект ја претставуваме огромната разноликост на огромното фолклорно богатство од сите страни на Македонија“, кажа Трпчески, кој на 27 август организираше македонска претпремиера на „Македонисимо“ во струшкото село Збажди.

    Македонисимо“ досега е изведен во Словенија, Полска, Франција, Велика Британија, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора, Јужна Кореја и Канада, а деновиве е и швајцарската премиера.

    „‘Македонисимо‘ ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2 март во култната сала Музикферајн во Виена“, најави Трпчески.

    Покрај него, во проектот членуваат и Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки).

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира