Министрите за финансии на земјите-членки на Г7 се договорија да ја ограничат цената на руската нафта со цел да ги намалат приходите на Москва за финансирање на нејзината војна во Украина, додека истовремено растат цените на сировата нафта. Сепак, тие не открија детали од својот план, додавајќи дека ценовната граница дополнително ќе биде утврдена.
Русија истовремено се закани дека ќе престане да им продава нафта на оние земји кои ќе го поддржат ограничувањето.
„Денеска ја потврдуваме нашата заедничка политичка намера за финализирање и спроведување на сеопфатна забрана на услуги кои овозможуваат поморски транспорт на сировата нафта и нафтените деривати од руско производство“, стои во заедничката изјава на министрите.
Тие додаваат дека транспортните услуги ќе бидат дозволени само доколку руската нафта се купува според ценовната граница утврдена од широка коалиција земји.
Групата Г7 ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.