Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ најави вокално-инструментален концерт во чест на 100 години од раѓањето на легендарниот македонски пејач Александар Сариевски. Концертот ќе се одржи на 15 септември во Националната опера и балет со почеток во 20 часот, а билетите се веќе во продажба.
Најавено е дека на концертот ќе настапат Сузана Спасовска, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ и Влатко Стефановски, заедно со хорот и оркестарот на „Танец“, а ќе се изведат големите македонски фолклорни бисери „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „Зајди, зајди јасно сонце“, „Саноќ ми булбул пропеа“, „Сулејман седит на кула“, „Седна баба да вечера една еребица“, „Дејгиди, луди, млади години“ и многу други.
Со своите неповторлив глас, уметнички профил и богат авторски и изведувачки опус, Сариевски претставува една од најмаркантните фигури на македонската народна музика. Во своето шестдецениско уметничко творење остави над 400 звучни записи за продукцијата на МРТВ, но и за други дискографски куќи.
Сариевски исто така е еден од основачите на ансамблот „Танец“, дел од неговата прва генерација и знаменит тапанџија на „Тешкото“.