Болницата во Кавадарци доби компјутерски томограф „филипс“, кој е донација од ЕУ. Тој е вреден 400.000 евра и има високи перформански.
„Апаратот е еден до најсовремените и најсофистицирани во светот. За првпат ваков апарат се инсталира во нашата болница. Докторите и рендген техничарите минаа низ соодветна обука и едукација, извршени беа мерења и добиена е дозвола за работа од страна на Дирекцијата за радијациона сигурност“, кажа Диме Коцев, директор на Општа болница Кавадарци.
Со неговата употреба ќе се растоварат листите за чекање во другите болници.
„Компјутерскиот томограф отвора перспектива за навремено дијагностицирање на многу заболувања. Тоа е апарат со кој ќе се детектираат итни случаи и животно загрозувачки состојби на пациенти од централниот дел на Македонија“, изјави Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство.
П. ПЕЧКОВ