Британците и светот во следните десетина дена ќе се простуваат од кралицата Елизабета Втора, која почина вчера на 96 години, но засега не е познат датумот на погребот.
Откако ковчегот со нејзиното тело ќе биде донесен од Шкотска во Лондон, тој ќе биде изложен во Вестминстерската сала околу четири дена пред погребот, овозможувајќи им на луѓето да поминат покрај него. Големата сала е најстариот дел од Вестминстерската палата.
Ваква почест за последен пат ѝ беше оддадена на кралицата мајка во 2002 година.
Ковчегот ќе биде донесен во Вестминстерската сала од Бакингамската палата во бавна процесија, придружувана од воена парада и членови на кралското семејство. Граѓаните ќе можат да ја гледаат процесијата додека поминува по улиците.
Се очекува државниот погреб на кралицата да се одржи во Вестминстерската катедрала за помалку од две недели. Точниот ден дополнително ќе биде потврден од Бакингамската палата. Нејзиното последно почивалиште ќе биде во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор.
По кралицата тагуваат и други држави, па така Бразил прогласи тридневна, а Канада десетдневна жалост.
Од вчера, новиот британски крал е Чарлс Трети, чие официјално прогласување треба да се случи утре во палатата Сент Џејмс во Лондон.