ВО ОХРИД НЕМА НИЕДНА ФОТОНАПОНСКА ЕЛЕКТРАНА ОТИ УНЕСКО ГИ ОГРАНИЧУВА ИНВЕСТИТОРИТЕ ДА ГРАДАТ НА МАЛ ДЕЛ ОД ПАРЦЕЛАТА

    ВО ОХРИД НЕМА НИЕДНА ФОТОНАПОНСКА ЕЛЕКТРАНА ОТИ УНЕСКО ГИ ОГРАНИЧУВА ИНВЕСТИТОРИТЕ ДА ГРАДАТ НА МАЛ ДЕЛ ОД ПАРЦЕЛАТАВо Охрид, на парцела од 10 хектари може да се постават фотонапонски панели на само четири хектари (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид нема ниедна фотонапонска електрана оти, според планот на УНЕСКО, може да се гради само на 40% од парцелата, што за инвеститорите е економски неисплатливо.

    Ова денеска беше кажано на седницата на Советот на Општина Охрид, на која беше изгласана предлог-одлуката за утврдување начин на применување на „Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион со акциски план (2020-2029)“ при донесување и спроведување на урбанистички планови при планирање на фотоволтаични електрани.

    Ограниченоста на искористување на парцелата, според Богдан Настески од Секторот за урбанизам, е причината што заинтересираните инвеститори се откажуваат.

    „За жал, кај нас нема ниедна инвестиција досега. Ова е пречка што ги спречува инвеститорите. Поднесени се неколку иницијативи и една веќе се откажа“, додава Настески.

    Тој вели дека прво треба да се направи разлика помеѓу фотонапонски електрани и поставување фотонапонски панели на крововите.

    „Во овој случај се работи за градежна парцела на која се поставуваат фотонапонски панели. За жал, во Охрид овие постапки за урбанизација на просторот се ограничени од Планот на УНЕСКО, па на парцела од 10 хектари може да се постават фотонапонски панели на само четири хектари. Економски не е исплатливо“, рече Настески.

    Во Македонија има околу 200 фотонапонски електрани.

    „Во цела Македонија се гледа да се градат фотонапонски електрани, само кај нас се откажуваат, бидејќи нема инвеститори. За споредба, во Осломеј, 10 хектари задоволуваат потрошувачка на 2.800 фамилии, односно до 12.000 жители“, кажа Настески.

    Со Законот за енергетика од 2018 и измената од 2019, кај нас и физички лица можат да учествуваат на пазарот на енергетика.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира