Цената на кубик огревно дрво достигна 5.300 денари во Скопје, а во остатокот од земјата се движи од 4.500-5.000 денари. Освен драстично зголемената цена, која е за 70 отсто повисока од лани, тешко се наоѓаат дрва за огрев на приватните плацеви, а и шумските стопанства ги стопираат испораките.
„Секоја нова тура од добавувачите е за 100-200 денари поскапа. Плус, не можеш да најдеш работници за сечење и товарање, а и тие што ги има бараат сè повеќе пари. На крај, повеќе пари одат за работници, отколку за плацот“, вели сопственик на плац за огревни дрва во околината на Скопје.
Во Штип, кубик огревно дрво сега се продава за 4.500 денари, но ако се додадат трошоците за сечење, цепење и редење на дрвата, крајната цена на огревното дрво веќе изнесува 5.000 денари. Трговците кои вршат промет на огревно дрво веќе ги прават и тие услуги, па граѓаните ако сакаат да не губат време и труд порачуваат исечени и исцепени дрва, па финалната цена е 5.000 денари.
Во последниот месец, плацевите на трговците се празни затоа што нема дрва, а шумските стопанства ги имаат стопирано испораките. Стопирани биле испораките и на разни здруженија кои секоја година вршат организирани нарачки за своите членови, па и за останатите заинтересирани граѓани.
„Добавувачот веќе два месеци не ни врши испорака на дрва, иако имаме склучено договор по цена од 3.400 денари за кубик, со изговор дека багерите и останатата механизација на шумските стопанства биле ангажирани за производство на пелети на функционери кои си водат свој бизнис со овој вид огрев. Дали е тоа само изговор не знам, но можам да кажам дека испораката уште на пролет започна добро и досега 60 проценти од граѓаните кои уплатиле ги добија дрвата, но 40 проценти од граѓаните кои доаѓаат им ги враќаме уплатените пари. Се работи за дистрибуција на 350-400 кубици на стотина граѓани“, вели Миланчо Манев од Здружението на инвалидските пензионери во Штип.
Со истите проблеми се соочува и Здружението на пензионерите во Штип кое исто така почна да ги враќа уплатените пари. Поради ваквата состојба и ние на 300 пензионери ги вративме парите што тие на време ги уплатија, но ги упативме самите да си контактираат со добавувачите и да се договораат за цените. Последните уплати кај нас беа 3.500 денари, но добавувачите почнаа да нудат цени од 4.200, па еве сега и по 4.500 денари. Од 300 луѓе на колку што им ги вративме парите, половината од нив сами си се договориле да набават дрва за 4.200 денари за еден кубик“, вели претседателот на Здружението на пензионерите во Штип, Ристе Нетков.
Со оглед на тоа што реакциите се големи, Здружението на инвалидските пензионери кое првпат се соочува со една ваква голема криза и со хаос во снабдувањето со огревно дрво, апелира не само за Штип, туку во цела држава политичките елити да се одважат, па да седнат на заедничка маса со владините структури, шумските стопанства и со здруженијата на граѓаните и овој проблем под итно да го решат затоа што се работи за посебна категорија на граѓани кои мораат да го имаат решено затоплувањето во претстојната грејна сезона која е на прагот.
Според последното истражување на Државниот завод за статистика, половина од домаќинствата во Македонија се греат на дрва. Нешто над 30 отсто се греат на струја, на централно парно се 10 отсто и 8 отсто се греат на брикети и пелети.
Т. ЈОВАНОВСКИ