Владата на Саудиска Арабија објави дека Русија ослободила десетмина воени заробеници со посредство на принцот Мохамед бин Салман. Групата вклучува државјани на САД, Велика Британија, Шведска, Хрватска и Мароко, од кои некои претходно беа осудени на смрт во самопрогласената Народна Република Доњецк.
„Саудиските власти ги примија и превезоа заробениците од Русија во кралството, по што безбедно ќе бидат вратени во нивните земји“, соопшти саудиското министерство за надворешни работи.
Од почетокот на војната во Украина беа извршени неколку размени на заробеници, а најголемата вклучи 144 луѓе.
Британската премиерка Лиз Трас потврди дека се ослободени петмина британски државјани, меѓу кои е и Ејден Ајлин, кој беше осуден на смрт откако беше заробен во Мариупол во април. Хрватска објави дека е ослободен и нејзиниот државјанин Вјекослав Пребег, кој исто така беше заробен во април.